
ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ПРОМЕНИ ВО НАЦИОНАЛНИОТ ПЛАТЕН ПРОМЕТ ОД 09.11.2026 ГОДИНА
10/27/2026Почитувани клиенти,
Ве информираме дека од 9 ноември 2026 година започнува примената на новини во националниот платен промет, кои произлегуваат од Законот за платежни услуги и платни системи и од соодветните подзаконски акти на Народната банка на Република Северна Македонија.
Измените се однесуваат на начинот на означување на денарските платежни сметки, шифрите за целта на плаќањето, како и на изгледот, содржината и начинот на пополнување на платните налози. Нивната цел е стандардизација на платежните податоци и усогласување со меѓународниот стандард ISO 20022, со што се овозможува поунифициран начин на извршување и обработка на националните платежни трансакции.
Во продолжение ви ги претставуваме најважните промени што ќе започнат да се применуваат од наведениот датум.
1. Нов IBAN формат на денарската платежна сметка
Со воведувањето на новиот формат, денарските платежни сметки ќе се означуваат во IBAN формат.
Бројот на вашата постојна платежна сметка останува непроменет. Единствената промена е додавањето на ознаката МК07 пред постојниот број на сметката.
Ова значи дека не се менува самата платежна сметка, туку начинот на кој таа се прикажува и означува за потребите на платежниот промет.
2. Промени кај ознаките за целта на плаќањето
Досегашните нумерички шифри за целта на плаќањето ќе бидат заменети со нови четиризнаковни алфанумерички ознаки.
Новите шифри ќе се користат за означување на основата и намената на плаќањето, согласно новиот стандардизиран систем. При подготовка и пополнување на платните налози, потребно е да се обрне внимание на изборот и правилното внесување на соодветната шифра за целта на плаќањето.
Кај плаќањата во валута различна од денари, како и за денарските плаќања кај кои плаќачот и/или примачот е нерезидент, се применуваат соодветните трицифрени шифри согласно прописите за платежни трансакции со странство.
3. Нови, стандардизирани денарски платни налози
Досегашните обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53 ќе бидат заменети со нови, стандардизирани денарски платни налози, и во хартиена и во електронска форма.
Новите платни налози ќе имаат изменет изглед, распоред и содржина на полињата, со цел појасно прикажување на податоците и усогласување со новите стандарди за обработка на плаќањата.
Најзначајните промени се следниве:
Описно означување на платните налози: Досегашните називи на налозите ПП10, ПП30, ПП50 и ПП53 ќе бидат заменети со описни ознаки што јасно го означуваат видот на трансферот, односно кон кого се врши плаќањето. Ознаката ќе биде поставена во горниот десен агол на налогот.
Изменет изглед на обрасците: Новите платни налози ќе бидат во црно-бел формат, за разлика од досегашните обрасци што се користеа во боја.
Стандардизиран распоред на податоците: Полињата за внесување на податоците ќе бидат со изменет распоред и содржина, во согласност со новите правила за стандардизација на платежните налози.
Овие промени ќе се применуваат и при користење на хартиените обрасци и при електронско извршување на платежните трансакции.
При извршувањето на платежните трансакции преку електронските сервиси, потребно ќе биде да се избере соодветната нова шифра за целта на плаќањето, согласно новиот систем на означување. Дополнително, во полињата каде што е предвидено, ќе биде потребно да се внесат адресата, градот и државата на налогодавачот, односно на примачот на плаќањето, согласно барањата на соодветниот платен налог,притоа податоците во град и адреса да бидат различни.
Што значат овие промени за вас?
Со почетокот на примената на новите правила, при извршувањето на платежните трансакции ќе биде потребно да се користат новиот формат на платежната сметка, соодветните шифри за целта на плаќањето и новите стандардизирани платни налози.
Ве советуваме навремено да се запознаете со новините и да ги земете предвид при подготовката на вашите плаќања, со цел нивно непречено и правилно извршување. Новите шифри за денарски плаќања, листа на споредбени шифри со старите шифри и презентација за измените кај обрасците може да ги погледнете во прилог на следниот link.
Со почит,
Централна кооперативна банка АД Скопје

Известување за неработен ден
10/21/2026Почитувани клиенти,
Ве известуваме дека по повод претстојниот празник, Ден на македонската револуционерна борба, експозитурите на Централна кооперативна банка АД Скопје нема да работат на датум:
- 23.10.2026 година (петок).
Со почит,
Централна кооперативна Банка ад Скопје

Известување за неработен ден
10/8/2026Почитувани,
Ве известуваме дека по повод претстојниот празник, Ден на народното востание, експозитурите на Централна кооперативна Банка АД Скопје нема да работат на датум:
- 12.10.2026 година (понеделник).
Со почит,
Централна кооперативна Банка АД Скопје