Почитувани клиенти,
Ве известуваме дека на ден 03.04.2020 година, Централна кооперативна банка АД Скопје огласи ЈАВНА ПОНУДА за промена на договорните услови на кредитните производи на клиентите на Банката – физички лица.
Со огласување на Јавната понуда на официјалната интернет страница на Банката, истата се смета за формално доставена до сите клиенти на Банката - физички лица.
Јавната понуда се однесува на сите клиенти физички лица, кои користат кредитни изложености во Банката, а кои заклучно со 29.02.2020 година ги отплаќаат своите месечни обврски без доцнење односно се класифицирани во категорија на ризик буква А, Б или В и немаат статус на нефункционална кредитна изложеност .
Понудата опфаќа одложување на отплатата на сите кредитни изложености по кредити, кредитни картички и дозволени пречекорувања за период од 6 (шест) месеци, сметано од 13.04.2020 година и продолжување на рокот на крајното достасување за дополнителни 6 (шест) месеци.
Целосната содржина на Јавната понуда, со сите детали за начинот на нејзино прифаќање и одбивање, може да се најде на следниот линк:
ЈАВНА ПОНУДА за промена на договорните услови на кредитните производи на клиентите на Банката – физички лица
Ве повикуваме детално да се запознаете со целосната содржина на огласената понуда.
На сите клиенти кои ќе оценат дека имаат доволен финансиски капацитет за пребродување на кризата, им препорачуваме да продолжат со редовна отплата на своите месечни обврски.
Ги повикуваме сите наши клиенти физички лица за кои оваа понуда не важи, а кои имаат потреба од промена во начинот на сервисирање на обврските, да се обратат во некоја од деловните единици на Банката, со цел да се разгледаат сите опции.
Ги замолуваме членовите на семејствата на нашите повозрасни клиенти - кои не користат интернет, да им помогнат на истите во презентација на содржината на понудата и начинот на нејзино прифаќање или одбивање.
Преку оваа јавна понуда Банката се вклучува во колективните напори за полесно надминување на последиците од актуелната криза.
Со желба со здружени сили да победиме во заедничката борба за нашето здравје, ви посакуваме секое добро на вас и на вашите семејства.
Централна кооперативна Банка АД Скопје